Акционерско друштво

АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО

ЗАЕДНИЧКИ ОДРЕДБИ

Поим

Член 270

(1) Акционерското друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции.

(2) Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво.

(3) Од одредбите од овој закон, со коишто се уредува акционерското друштво, може да се отстапува на начин и според условите пропишани со овој закон и со други закони.

Фирма

Член 271

Фирмата на акционерското друштво (во натамошниот текст во четврта глава дел петти: друштво) мора да ги содржи и зборовите ,,акционерско друштво" или ознаката ,,АД".

Број на акционери

Член 272

Друштвото може да има еден или повеќе акционери.

 

Најмал номинален износ на основната главнина и на акцијата

Член 273

(1) Најмалиот номинален износ на основната главнина, кога друштвото се основа симултано, без јавен повик за запишување акции изнесува 25.000 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, објавен на денот пред усвојувањето на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина, а кога друштвото се основа сукцесивно, преку јавен повик за запишување акции, тој изнесува најмалку 50.000 ЕВРА во денарска противвредност, освен ако со друг закон не е определен друг најмал износ на основна главнина.

(2) Номиналниот износ на акцијата не може да биде помал од 1 ЕВРО, според средниот курс на таа валута, објавен од Народнта банка на Република Македонија, ден пред усвојувањето на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина.

 

АКЦИИ

Издавање, пренос и евиденција на акциите

Член 274

(1) Акциите се издаваат, се пренесуваат и се водат во форма на електронски запис во Централниот депозитар за хартии од вредност на Република Македонија (во натамошниот текст: Централен депозитар за хартии од вредност), во согласност со закон.

  1. Акциите се неограничено преносливи и слободно се тргуваат на секундарен пазар на хартии од вредност.

(2) Акциите, спрема друштвото, се неделиви.

 Номинален и емисиски износ на акции

Член 275

(1) Секоја акција мора да има номинален износ на којшто гласи акцијата.

(2) Акциите издадени под нивниот номинален износ се ништовни. За штетата што ќе произлезе од издавањето акции под нивниот номинален износ, издавачите одговараат солидарно.

(3) Акциите можат да се издаваат над номиналниот износ (емисиски износ).

 Поделба и спојување на акции

Член 276

(1) Друштвото може, со измена на статутот, да изврши поделба на акциите и истовремено да го намали нивниот номинален износ, под услов основната главнина да остане непроменета.

(2) Друштвото може, со измена на статутот, да изврши спојување на акциите и истовремено да го зголеми нивниот номинален износ, под услов основната главнина да остане непроменета.

Родови и класи на акции

Член 277

(1) Друштвото издава обични акции, а може да издава и други акции со различни права.

(2) Акциите што даваат исти права сочинуваат ист род акции. Според правата, акциите можат да бидат обични и приоритетни.

(3) Приоритетните акции можат да бидат од повеќе класи и не можат да бидат издадени со понизок номинален износ од номиналниот износ на обичните акции. Приоритетните акции од иста класа даваат исти права.

(4) За издавањето акции за коишто се врзани посебни права (приоритетни акции) друштвото може да бара и посебни еднократни парични доплати и тоа при издавањето на акциите.

Права содржани во акциите

Член 278

(1) Обичните акции се акции кои им даваат на нивните сопственици:

1) право на глас во собранието на друштвото;

2) право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и

3) право на исплата на дел од остатокот од ликвидационата, односно стечајната маса на друштвото.

(2) Приоритетните акции, кога имаат право на глас, покрај правата од ставот (1) на овој член даваат и други повластени права, како што се правото на дивиденда во однапред утврден паричен износ или во процент од номиналниот износ на акцијата, право на првенство при исплата на дивиденда, правото на исплата на остаток од ликвидациона, односно стечајна маса и други права определени во статутот и во одлуката за издавање акции, во согласност со закон. Приоритетните акции кои не даваат право на глас го стекнуваат ова право кога со овој закон, односно со статутот тоа е определено.

(3) Правата од ставот (2) на овој член можат да се остваруваат поединечно или заедно.

Класи на приоритетни акции

Член 279

(1) Приоритетните акции можат да бидат кумулативни и партиципативни.

(2) Кумулативната приоритетна акција му дава на сопственикот право на наплата на акумулираните неплатени дивиденди пред наплатувањето на какви било дивиденди на сопственикот на обични акции.

(3) Партиципативната приоритетна акција му дава на сопственикот, покрај утврдената (фиксна) дивиденда, и право на исплата на дивиденда којашто им припаѓа на сопствениците на обични акции.

 Право на глас

Член 280

(1) Секоја акција која дава право на глас дава право на еден глас во собранието на друштвото (во натамошниот текст: собрание).

(2) Секоја обична акција дава право на глас во собранието.

(3) Приоритетните акции, во согласност со одредбите на овој закон, можат да бидат издадени како акции со право на глас и како акции без право на глас. Вкупниот номинален износ на приоритетните акции без право на глас не може да биде поголем од 30% од основната главнина на друштвото. Вкупниот номинален износ на приоритетните акции, со и без право на глас, не може да биде поголем од вкупниот номинален износ на обичните акции во основната главнина на друштвото.

(4) Забрането е издавање акции од ист род кои за ист номинален износ даваат различно право на глас во собранието.

Бесплатни акции или акции по повластена цена[1]

Член 281

Одлука за издавање акции

Член 282

Одлука за издавање акции донесува собранието на друштвото со мнозинство гласови коешто не може да изнесува помалку од две третини од акциите со право на глас, претставени на собранието, освен ако со статутот не е определено поголемо мнозинство.

 Книга на акции (акционерска книга)

Член 283

(1) Акциите се запишуваат во книга на акции на друштвото (во натамошниот текст: акционерска книга ) којашто се води во Централниот депозитар за хартии од вредност во електронска форма, со означување на името и презимето на акционерот, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта, ако акционерот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако акционерот е правно лице и други информации.

(2) Во акционерската книга се запишуваат и податоците што се определени во одлуката за издавање на акциите, сите оптоварувања на акциите определени со закон и со статут и забраните изречени со одлука на судот.

(3) Спрема друштвото, за акционер се смета секое лице запишано во акционерската книга на начин определен со закон.

(4) Иницијалниот упис и уписот на акции издадени при зголемување на основната главнина во акционерската книга се врши по налог на друштвото. Промените во акционерската книга се вршат според извршениот пренос на акции со тргување на берза или според преносот извршен на друг начин допуштен со закон.

(5) На барање на друштвото, Централниот депозитар за хартии од вредност го известува друштвото за промените извршени во акционерската книга.

(6) Секој акционер има право, на негово барање, да му се овозможи увид во сите податоци запишани во акционерската книга на друштвото во коешто е акционер. Увидот го овозможува Централниот депозитар за хартии од вредност. На акционерот кој бара итен увид во акционерската книга, мора да му се овозможи увид во рок не подолг од еден работен ден од денот на бараниот увид поднесен во писмена форма. Во другите случаи, акционерот кој бара увид во акционерската книга го најавува денот на кој има намера да изврши увид. Податоците од увидот можат да бидат употребени само за остварување на правата на акционерот.

            (7) Секој акционер има право да добие фотокопија од податоците запишани во акционерката книга на друштвото во коешто е акционер, по претходно барање доставено до Централниот депозитар за хартии од вредност. Направената фотокопија и податоците од фотокопијата можат да бидат употребени само за остварување на правата на акционерот.

Издавање други хартии од вредност и финансиски деривати

Член 284[2]

 

(1) Друштвото во согласност со закон и со статутот може до износот на основната главнина да издава обврзници кои не се конвертибилни обврзници, обврзници кои на доверителите им даваат право да ги заменат за акции во одреден период на определена опција или во кое било време за време на траењето на обврзницата и обврзници кои не обезбедуваат право на првенствено купување акции коишто друштвото ги издава. Обврзниците можат да се издадат во износ поголем од основната главнина само ако издавањето на обврзниците е целосно обезбедено со залог на имотот на друштвото или на друг начин.

(2) Друштвото, во согласност со закон и со статутот, може до износот на половина од основната главнина да издава конвертибилни обврзници кои на доверителите им даваат право да ги заменат за акции во одреден период на определена опција или во кое било време додека трае обврзницата и да издава обврзници кои обезбедуваат право на првенство на купување акции кои друштвото ги издава.

(3) Акционерите имаат право на првенство при стекнувањето на обврзниците од ставот (2) на овој член.

(4) Обврзниците се откупуваат со готови пари.

(5) Одредбите од овој закон што се однесуваат на правото на првенство за запишување на новоиздадени акции, соодветно се применуваат и врз остварување на правото на првенство за запишување на новоиздадени конвертибилни обврзници.

(6) Друштвото може, во согласност со закон, да склучува опциски договори за купување и за продажба на акции и на обврзници и фјучерс договори на начин и според условите определени во статутот.

(7) Начинот и условите под коишто друштвото ги издава хартиите од вредност, ги склучува опциските договори за купување и продажба на акции и на обврзниците, како и на фјучерс договорите, се определуваат со статутот.

 

 


[1] ришано – „Службен весник на Република Македонија“ 25/2007)

[2] Одредбите од членот 284 став (1) за издавање обврзници кои обезбедуваат право на првенство на купување акции што друштвото ги издава ќе започнат да се применуваат од денот кога Република Македонија ќе стекне статус на полноправен член во Европската унија.

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com