Дискриминација при работен однос

Дискриминација на работно место

Забрана на дискриминацијата

Член 6

  1. Работодавачот не смее барателот на вработување (во натамошниот текст: кандидат за вработување) или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување,  членување  во  синдикатите, националното  или  социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности.
  2. На жените и мажите мораат да им бидат обезбедени еднакви можности и еднаков третман во врска со:
  1. пристап до вработување, вклучувајќи унапредување и стручна и професионална обука во работата;
  2. условите за работа;
  3. еднаква исплата за еднаква работа;
  4. професионални шеми за социјалното осигурување;
  5. отсуство од работа;
  6. работно време и
  7. откажување на договорот за вработување.
  1. Принципот на еднаков третман подразбира забрана за директна и/или индиректна дискриминација, во смисла на ставовите (1) и (2) од овој член.

 

Директна и индиректна дискриминација

Член 7

(1) Забраната на директна или индиректна дискриминација во случаите од членот 6 на овој закон се однесува на дискриминација на кандидатот за вработување и на работникот.

(2) Директна дискриминација, во смисла на ставот (1) од овој член, е секое постапување условувано со некои од основите од членот 6 на овој закон со кое лицето било ставено, се става, или би можело да биде ставено во понеповолна положба од други лица во споредбени случаи.

(3) Индиректна дискриминација, во смисла на овој закон, постои кога определена навидум неутрална одредба, критериум или пракса, го става или би го ставила во понеповолна положба во однос на другите лица, кандидатот за вработување или работникот поради определено својство, статус, определување или уверување од членот 6 на овој закон.

(4) Дискриминацијата, во смисла на членот 6 од овој закон кај работодавачот, е забранета во однос на :

1) условите за вработување, вклучувајќи ги и критериумите и условите за избор на кандидати за вршење на определена работа, во која било гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности на дејности и на сите нивоа на професионална хиерархија;

2) напредувањето во работата;

3) пристапот до  сите видови и степени на стручно  оспособување, преквалификација и доквалификација;

4) условите за работење и работа и сите права од работен однос и во врска со работниот однос, вклучувајќи и еднаквост на плати;

5) откажувањето на договорот за работа и

6) правата на членовите и дејствувањето во здруженијата на работниците  и  работодавачите  или  во  која  било друга  професионална организација, вклучувајќи  ги и повластиците кои произлегуваат од тоа членство.

(5) Одредбите на колективните договори и договорите за вработување со кои се утврдува дискриминација на некој од основите од членот 6 на овој закон се ништовни.

 

Исклучоци од забрана на дискриминација

Член 8

(1) Не се смета за дискриминација правење разлика, исклучување или давање предимство во однос на определена работа, кога природата на работата е таква или работата се врши во такви услови што карактеристиките поврзани со некои од случаите од членот 6 на овој закон претставуваат вистински и одлучувачки услов за вршење на работата, под услов целта што со тоа се сака да се постигне да е оправдана и условот да е одмерен.

(2) Сите мерки предвидени со овој закон или друг закон и одредбите на овој или на другите закони, колективните договори и договорите за работа кои се однесуваат на посебната заштита и помош на определена категорија на работници, а посебно на оние за заштита на инвалидите, постарите работници, бремените жени и жените кои користат некое од правата од заштита на мајчинството, како и одредбите кои се однесуваат на посебните права на родителите, посвоителите и штитениците не се сметаат за дискриминација ниту смеат да бидат основа за дискриминација.

(3) Во однос на условите на вработување и во правата и обврските од работен однос, работниците на определено време не се третираат на понеповолен начин од работниците на неопределено време само затоа што имаат договор за вработување на определено време, освен ако различниот третман е оправдан од објективни причини.

(4) Периодот на стекнување на квалификации во однос на одредени услови е ист при вработување на работниците на неопределено време, како и за работниците на определено време, освен ако периодот на стекнување на квалификации не е подолг од времетраењето на договорот за вработување на определено време.”

 

Вознемирување и полово вознемирување

Член 9

(1) Забрането е вознемирување и полово вознемирување.

(2) Вознемирувањето и половото вознемирување претставува дискриминација во смисла на членот 6 од овој закон.

(3) Возиемирување, во смисла на овој закон, е секое несакано однесување предизвикано од некој од случаите од членот 6 на овој закон кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

(4) Полово вознемирување, во смисла на овој закон, е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на работникот, а кое предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување.

 

Психичко вознемирување на работно место (мобинг)

Член 9-а

(1) Забранет е секаков вид психичко вознемирување на работно место (мобинг).

(2) Психичко вознемирување на работно место (мобинг) претставува дискриминација во смисла на членот 6 од овој закон.

(3) Психичко вознемирување на работно место (мобинг), во смисла на овој закон, е секое негативно однесување од поединец или група кое често се повторува (најмалку во период од шест месеца), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработените лица и предизвикува страв или создава непријателско, понижувачко или навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.

(4) Извршител на психичко вознемирување на работното место (мобинг) може да биде едно или повеќе лица со негативно однесување во смисла на ставот (3) од овој член, без оглед на нивното својство (работодавач како физичко лице одговорно лице или работник).

 

Заштита  од  дискриминација  на  работничка
по  основ  на  бременост,  раѓање  и родителство

Член 9-б

  1. Забранети се сите облици на дискриминација на работничка поради бременост, раѓање и родителство, без оглед на времетраењето и видот на работниот однос заснован согласно со закон.
  2. Забраната на дискриминација од ставот (1) на овој член се однесува на пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажувањето на договорот за вработување на работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство.

 

Надомест на штета за дискриминација

Член 10

Во случаите на дискриминација од членот 6 на овој закон кандидатот за вработување или работникот има право да бара надомест на штета согласно со Законот за облигационите односи.

 

Товар на докажување во случај на спор

Член 11

  1. Ако кандидатот за вработување, односно работникот, во случај на спор изнесе факти дека работодавачот постапил спротивно на членовите 6 и 9 од овој закон, на работодавачот е товарот на докажувањето дека немало каква било дискриминација, односно дека постапил во согласност со членовите 6 и 9 на овој закон, освен ако докаже дека различниот третман е направен поради исклучоците од членот 8 на овој закон.
  2. Во случај на спор, кога е постапено спротивно на членот 9-а од овој закон, товарот на докажувањето паѓа на поединец или група против кои е поведен спор за вршење на психичко вознемирување (мобинг) на работно место, освен ако докажат дека различниот третман е направен поради исклучоците од членот 8 на овој закон.
  3. Поради поведување постапка за правна заштита од психичко вознемирување на работното место (мобинг), како и сведочење во текот на постапката, на вработеното лице не може на посреден или непосреден начин да му се влошат условите за работа, односно не може да биде ставен во неповолна положба, посебно со намалување на заработувачката, преместување на друго работно место или спречување на напредување или стручно усовршување.
  4. Во случај на спор кога е постапено спротивно на членот 9-б од овој закон, товарот на докажување паѓа на работодавачот.

 

 

Ограничување на автономијата на договорниге страни

Член 12

(1) При склучувањето и престанувањето на договорот за вработување и во времетраењето на работниот однос работодавачот и работникот се должни да ги почитуваат одредбите на овој и други закони, меѓународните договори што ја обврзуваат Република Македонија и другите прописи, колективните договори и актите на работодавачот.

(2) Со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

(3) Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон.

(4) Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com