Надоместок за експроприрана недвижност согласно Законот за вонпарнична постапка

ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НАДОМЕСТОК ЗА ЕКСПРОПРИРАНА НЕДВИЖНОСТ

 

Член 241

Во постапката за определување на надоместок за експроприрана недвижност, судот го одредува надоместокот за експроприраната недвижност.

Член 242

Постапката за определување на надоместок за експроприрана недвижност судот ја поведува по службена должност, кога ќе му бидат доставени списите од надлежниот орган на управата.

Органот на управата од ставот 1 на овој член, ако не се постигне спогодба за надоместокот во рок од три месеца од денот на правосилноста на решението за експропријација, должен е правосилното решение за експропријација на недвижноста, со сите списи, без одлагање да го достави до судот заради определување на надоместок.

Органот на управата од ставот 1 на овој член може на судот да му го достави решението и другите списи и пред истекот на рокот од три месеца, ако од изјавите и однесувањето на странките заклучи дека не може да дојде до спогодбено определување на надоместокот.

Ако органот на управата од ставот 1 на овој член не му го достави на судот решението и другите списи, поранешниот сопственик може непосредно да се обрати до судот со барање тој да го определи надоместокот за експроприраната недвижност.

Член 243

За определување на надоместок за експроприрана недвижност е надлежен судот на чиешто подрачје се наоѓа недвижноста.

Член 244

Постапката за определување на надоместок за експроприрана недвижност е итна.

Член 245

За определување на надоместок за експроприрана недвижност судот најнапред ќе ја определи вредноста на недвижноста и за таа цел закажува рочиште.

На рочиштето судот ги повикува поранешниот сопственик и корисникот на експропријацијата и ќе им даде можност да се изјаснат за доказите што ги прибавил по службена должност, за вредноста на експроприраната недвижност, за видот и обемот, односно за висината на надоместокот во пари.

Судот ќе изведе и други докази, а по потреба и вештачење.

Член 246

Учесниците можат да се спогодат за видот и обемот, односно за висината на надоместокот во пари за експроприраната недвижност.

Спогодбата од ставот 1 на овој член судот ја внесува во својата одлука, ако таа не е во спротивност со присилните прописи.

Ако учесниците не се спогодат, по сослушувањето и изведувањето на доказите, судот ќе донесе решение со кое ќе го определи видот и обемот, односно висината на надоместокот во пари.

Член 247

Ако корисникот на експропријацијата според закон е должен на поранешниот сопственик да му обезбеди друга соодветна зграда, односно стан како надоместок за експроприраната зграда односно стан, а во постапката за определување на надоместок за експроприраната недвижност не понуди зграда, односно стан, судот ќе застане со постапката додека корисникот на експропријацијата не понуди зграда, односно стан.

Во случаите од ставот 1 на овој член судот, по предлог од поранешниот сопственик, ќе определи привремена мерка - забрана да се урива експроприраната зграда, односно станот до правосилното завршување на постапката за определување на надоместок за експроприраната недвижност.

Според одредбите од ставот 1 на овој член судот ќе постапи и кога поранешниот сопственик, кој е земјоделец, бара да му се даде друго земјоделско земјиште како надоместок за земјоделското земјиште што му е експроприрано, ако е тоа определено со закон.

Член 248

Трошоците на постапката за определување на надоместок за експроприрана недвижност судот ги определува сразмерно на успехот на учесниците во постапката.

Кога учесниците се спогодиле за надоместок на експроприраната недвижност, трошоците паѓаат на товар на корисникот на експропријацијата.

Член 249

При поведување на постапка за определување на надоместок за експроприрана недвижност, судот, по слободна оцена, ќе определи износ потребен за покривање на трошоците на постапката и ќе му наложи на корисникот на експропријацијата, во определен рок, да го депонира износот во судот.

Ако корисникот на експропријацијата не постапи по решението на судот и не го депонира определениот износ, судот ќе му наложи на носителот на платен промет тој износ да го пренесе од жиро-сметката на корисникот на експропријацијата на жиро-сметката на судот.

Натамошните трошоци ги сноси учесникот кој дава предлог да се преземе дејствие кое предизвикува нови трошоци.

Член 250

Одредбите на оваа глава соодветно се применуваат и на другите случаи за определување на надоместок на недвижност кога тоа е определено со посебен закон.

 

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com