Обврски на работникот согласно Законот за работни односи

ОБВРСКИ НА РАБОТНИКОТ

Обврски на работникот во врска со вршење на работа

Член 30

(1) Работникот е должен совесно да ја извршува работата на работното место за кое што склучил договор за вработување, во време и на место, кои шго се определени за извршување на работата, почитувајќи ја организацијата на работа и деловната активност на работодавачот.

(2) Во случаите определени со закон и колективен договор, работникот е должен да врши и друга работа која не е предвидена со договорот за вработување, ако е во рамките на степенот на неговата стручна подготовка.

 

Почитување на упатствата на работодавачот

Член 31

Работникот е должен да ги почитува барањата и упатствата на работодавачот во врска со исполнувањето на работните обврски од работниот однос.

 

Почитување на прописите за заштитата при работата

Член 32

  1. Работникот е должен да ги почитува и спроведува прописите за заштита при работа, да го заштити својот живот и здравје, како и здравјето и животот на другите лица. Право и обврска на секој работник е да се грижи за сопствената безбедност и безбедноста на другите лица кои работат со него, во согласност со обуките и инструкциите кои му се дадени од страна на работодавачот, да биде запознаен со мерките за безбедност на здравје при работа и да биде обучен за нивната примена, согласно со прописите за безбедност и здравје при работа.
  2. Работникот има право да одбие извршување на работата доколку е изложен на непосредна опасност по здравјето или по животот, кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување.

Обврска на известување

Член 33

  1. Работникот е должен да го известува работодавачот за суштинските околности кои влијаат, односно би можеле да влијаат на исполнувањето на неговите договорни обврски.
  2. Работникот мора веднаш да го извести својот работодавач преку непосредно претпоставениот раководен работник или друго овластено лице кај работодавачот (во натамошниот текст: претставници на работниците), усно или во писмена форма за настанување на материјална штета и за секој недостаток, опасност по безбедноста и здравјето или за друг инцидент со кој може да се загрози неговата безбедност и здравје и безбедноста и здравјето на другите работници, согласно со прописите за безбедност и здравје при работа.

 

Забрана на штетно однесување

Член 34

Работникот е должен да се воздржува од сите постапки кои со оглед на природата на работата што ја врши кај работодавачот, се штетни или би ги повредиле интересите на работодавачот.

 

Обврска на чување на деловна тајна

Член 35

  1. Работникот не смее да ги искористи за своја сопствена употреба или да ги предаде на трето лице податоците што се сметаат за деловна тајна на работодавачот, кои како такви со посебен акт ќе ги определи работодавачот и  кои  му биле доверени  на  работникот или со кои бил запознат на друг начин.
  2. Работникот е одговорен за издавање на деловна тајна, ако знаел или би морал да знае за таквото својство на податоците.
  3. Секој работник кој доаѓа во контакт со материјали, информации и податоци кои се класифицирани е должен да ја чува тајната на истите.
  4. Претставниците на работниците и сите експерти што им помагаат, не смеат на работниците или на трети страни да им откриваат какви било информации кои се од деловен интерес на работодавачот, а кои јасно им биле кажани во доверба. Оваа обврска продолжува да важи и по завршувањето на нивниот мандат.
  5. Во одредени случаи и според условите и ограничувањата утврдени со закон, може да се утврди дека работодавачот не е обврзан да пренесе информации или да се консултира кога природата на тие информации или консултации е таква што според објективни критериуми сериозно би го нарушила или би го довела во прашање функционирањето на работодавачот.

 

 

Конкурентска забрана - законска забрана на конкурентското дејствување

Член 36

(1) За времетраењето на работниот однос работникот не смее без согласност на работодавачот за своја или на туѓа сметка да врши или склучува работи кои спаѓаат во дејноста на работодавачот и значат или би можеле да значат конкуренција на работодавачот.

(2) Работодавачот може да бара обештетување на штетата, настаната со постапувањето на работникот спротивно од ставот (1) на овој член, во рок од  три месеца од  денот кога дознал за вршењето на работата или склучувањето на зделката, односно во рок од две години од довршувањето на работата или склучувањето на зделката.

 

Конкурентска клаузула - договорна забрана
на конкурентското дејствување

Член 37

(1) Ако работникот при своето работење или во врска со работата се здобива со технички, производни или деловни знаења и деловни врски, може во  договорот  за вработување, работникот и работодавачот, да договорат забрана за вршење на конкурентско дејствување по престанувањето на работниот однос (конкурентска клаузула).

(2) Конкурентската клаузула може да се договори најдолго за период од две години по престанувањето на договорот за вработување и тоа само во случаите кога на работникот му престанува договорот за вработување по негова волја или вина.

(3) Конкурентската клаузула не смее да ја исклучи можноста за вработување на работникот.

(4) Ако конкурентската клаузула не е изразена во писмена форма, се смета дека не е договорена.

Надоместок за почитување на конкурентската клаузула

Член 38

(1) Ако почитувањето на конкурентската клаузула од членот 37 став (1) на овој закон, му оневозможи соодветна заработка на работникот, работодавачот е должен за сето време на почитувањето на забраната да му исплатува паричен надоместок на работникот.

(2) Паричниот надоместок за почитување на конкурентската забрана мора да се определи со договорот за вработување и месечно може да изнесува најмалку половина од просечната плата на работникот во последните три месеца пред престанувањето на договорот за вработување.

Престанување на конкурентската клаузула

Член 39

(1) Работодавачот и работникот можат да се договорат за престанување на важноста на конкурентската клаузула.

(2) Ако работникот го откаже договорот за вработување, бидејќи работодавачот ги крши одредбите на договорот за вработување, конкурентската клаузула престанува да важи, ако работникот во рок од еден месец од денот на престанувањето на договорот за вработување, на работодавачот му предаде писмена изјава дека не го обврзува договорот.

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com