Обврски на работодавачот согласно Законот за работни односи

ОБВРСКИ НА РАБОТОДАВАЧОТ

 

Обезбедување на работа

Член 40

(1) Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди работа, за која што страните се договориле во договорот за вработување.

(2) Ако поинаку не е договорено, работодавачот на работникот е должен да му ги обезбеди сите потребни средства и работен материјал, за да може непречено да ги исполнува своите обврски и да му овозможи слободен пристап до деловните простории.

Обврска на плаќање за вршење на работата

Член 41

Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди соодветно плаќање за вршењето на работата во согласност со одредбите од членовите 105 до 114 на овој закон.

Обврска на обезбедување на безбедни работни услови

Член 42         

  1. Работодавачот мора да обезбеди услови за безбедност на животот и здравјето на работниците во согласност со посебните прописи за здравје и безбедност при работа и да ги преземе неопходните мерки со кои се гарантира дека на секој работник му е дадена доволна обука соодветна на посебните карактеристики на работата, водејќи сметка за неговата стручна подготовка и искуство.
  2. Работодавачот треба да направи процена на ризикот во смисла на систематски преглед на сите аспекти на работата, со цел да се идентификуваат можните причини за повреди или оштетување на здравјето на работниците или безбедните работни услови.
  3. По добивањето известување дека некоја работничка е бремена, во текот на различните фази на бременоста, работодавачот е должен да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете. Дополнително оценување на ризикот се применува и при промена на уловите за работа, опремата или машините.
  4. По соодветни консултации и согласност на жената, а во зависност од природата, интензитететот и времетраењето на ризикот, работодавачот треба да воведе мерки за подобрување на здравјето и безбедноста при работа на бремената работничка, работничка која неодамна родила или дои, како и отстранување или намалување на опасноста на ризикот од:
  • неповратни ефекти,
  • предизвикување рак,
  • наследни генетски оштетувања,
  • предизвикување штети на нероденото дете и
  • предизвикување штети на исхраната на детето.
  1. Ако при оцената на ризикот не е откриен ризик, работодавачот треба да ги информира сите вработени за потенцијалните ризици. Исто така, работодавачот треба да објасни што ќе се направи за да се осигури дека новите бремени работнички нема да бидат изложени на ризици кои можат да предизвикаат оштетување на нивното здравје и безбедност.

Обврска за штитење на личноста на работникот

Член 43

(1) Работодавачот е должен да ја штити и почитува личноста и достоинството на работникот, како и  да води сметка и  да  ја штити приватноста на работникот.

(2) Работодавачот е должен да обезбеди ниеден работник да не биде жртва на вознемирување и полово вознемирување.

Заштита на личните податоци на работникот

Член 44

(1) Личните податоци на работниците можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со овој или друг  закон или ако е  тоа потребно  заради остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.

(2) Личните податоци на работниците може да ги собира, обработува, употребува и доставува на трети лица само работодавачот или работникот, кого работодавачот за тоа посебно го овластил.

(3) Личните податоци на работниците, за чие  собирање не постои повеќе законска основа, мораат веднаш да се избришат и да престанат да се употребуваат.

(4) Одредбите од ставовите (1) и (2) на овој член се однесуваат и за личните податоци на кандидатите за вработување.

Мирување на правата и обврските од договорот за вработување

Член 45

(1) Во случај кога работникот заради издржување на казна или изречена воспитна, или заштитна мерка, не може да ја врши работата за период пократок од шест месеца или заради отслужување воен рок или вршење  на цивилна  служба  со  надомест, притвор  и во други  случаи определени со закон, времено престане да ја врши работата, договорот за вработување не престанува да важи и работодавачот не смее да го откаже освен ако е поведена постапка за престанување на работодавачот, за кој период договорот мирува.

(2) За време  на мирување на  договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос кои што се непосредно поврзани со вршењето на работата.

(3) Работникот има право и должност да се врати на работа најдоцна во рок од пет дена од денот на престанувањето на причината за мирување на договорот. Со тој ден престанува мирувањето на договорот.

Договор за вработување на определено време

Член 46

(1) Договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.

(2) Договор за вработување на определено време за замена на привремено отустен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.

(3) Работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот (1) на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.

(4) По исклучок работниот однос заснован со договор за вработување на определено време може да се трансформира во работен однос на неопределено време и пред истекот на рокот од ставот (1) на овој член, ако работникот работи повеќе од две години на работно место кое е ослободено по основ на пензионирање или други основи и за кое се обезбедени финансиски средства, доколку работодавачот утврди дека има трајна потреба од работникот, под услови и на начин утврдени со закон.

Сезонска работа

Член 47

  1. Сезонската работа е работа која поради климатските или природните услови не се извршува во текот на целата година, туку во одредени периоди - сезони, која не надминува осум месеци во период од 12 последователни месеци.
  2. Работникот кој по договор за  вработување на определено време врши сезонски работи, односно работа во нееднакво распоредено работно време без прекин најмалку три месеца во годината и притоа одработи повеќе часови отколку што е одредено за работа со полно работно време, може да бара часовите да му се пресметаат во работни денови со полно работно време.
  3. Според ставот (1) на овој член  пресметаните работни денови се внесуваат во работниот стаж на работникот, како да ги поминал на работа. При  што  вкупниот работен  стаж  во  календарската  година  не смее да надмине 12 месеца.

Договор за вработување со неполно работно време

Член 48

  1. Договор за вработување може да се склучи, исто така, и за работно време пократко од полното работно време (неполно работно време).
  2. За неполно работно време се смета времето кое е пократко од полното работно време кај работодавачот.
  3. Работникот кој склучил договор за вработување со неполно работно време, има договорни и други права и обврски од работниот однос како работникот  кој  работи  полно  работно  време  и  ги  остварува пропорционално на времето, за кое што склучил договор за вработување, освен тие за кои со закон поинаку е определено.
  4. Работникот има право на годишен одмор со минимално времетрање од десет работни дена.
  5. Ако во договорот за вработување поинаку не е определено, работодавачот на работникот кој работи со неполно работно време, не смее да  му наложи  на  работникот да  работи  подолго од договореното работно време, освен во случаите од членот 119 на овој закон.
  6. Работодавачот е должен во договорот за вработување со неполно работно време да го утврди почетокот и завршетокот на неполното дневно работно време на работникот и да води посебна евиденција за работниците со неполно работно време, а за склучените договори со неполно работно време Агенцијата за вработување на Република Македонија еднаш месечно го известува Државниот инспекторат за труд.

Договор за вработување со неполно работно време
со повеќе работодавачи

Член 49

(1) Работникот може да склучи договор за  вработување со неполно работно време со повеќе работодавачи  и така да  го постигне полното работно време определено со законот.

(2) Работникот е должен да се договори со работодавачите за работното време, начинот на користењето на годишниот одмор и другите отсуства од работа.

(3) Работодавачите, кај кои е вработен работникот со неполно работно време, се должни на работникот да му обезбедат истовремено користење на годишниот одмор и други отсуства од работа, освен ако тоа не би им предизвикало штетни последици.

(4) Обврските на работодавачот и работникот од ставот (2) на овој член се составен дел на договорот за вработување со неполно работно време.

Договор за вработување со вршење на работа дома

Член 50

(1) Како вршење на работа дома се смета работа која работникот ја врши во својот дом или во простории по свој избор што се надвор од деловните простории на работодавачот.

(2) Со договорот за вработување со вршење на работа дома работодавачот и работникот можат да се договорат, работникот да ја врши работата која што спаѓа во дејноста на работодавачот или која е потребна за извршување на дејноста на работодавачот дома.

(3) Работодавачот е должен договорот за вработување за вршење на работа дома да му го достави на инспекторот на трудот, во рок од три дена од денот на склучувањето на договорот.

(4) Правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома,  се уредуваат  меѓу  работодавачот и  работникот со договорот за вработување.

(5) Работникот има право на надомест за употребата на своите средства за  работата  дома.  Висината  на  надоместокот ја  определуваат работодавачот и работникот во договорот за вработување.

(6) Работодавачот е должен да обезбеди безбедни услови за заштита при работа дома.

Забрана на работа дома

Член 51

Инспекторот на трудот може на работодавачот да му го забрани организирањето на работа дома, ако работата дома е штетна за работниците кои работат дома, или за животната и работната средина каде што се врши работата.

Работи кои што не смеат да се вршат дома

Член 52

Со закон или друг пропис може да се определат работи кои не смеат да се вршат како работа дома.

Договор за вработување на куќни помошници

Член 53

(1) Договор за вработување може да се склучи за вршење работи на куќни помошници.

(2) Со договорот за вработување од ставот (1) на овој член може да се договори обезбедувањето сместување и исхрана на работникот кај работодавачот да претставува дел од платата на работникот, кој дел во договорот мора да е изразен во пари.

(3) Договорот од ставот (1) на  овој член  се заверува во  службата надлежна за посредување за вработување.

(4) Најмалиот износ на заработувачка кој задолжително се пресметува и исплатува во пари се утврдува во договорот за вработување и не може да биде помал од 50% од заработувачката на работникот.

Договор за вработување на деловни лица (менаџерски договор)

Член 54

Ако договор за вработување склучуваат деловните лица (менаџери), во договорот за вработување страните можат поинаку да ги уредат правата, обврските и одговорностите од работниот однос особено за:

1) условите и ограничувањата на работниот  однос на определено време;

2) работното време;

3) обезбедувањето на дневен и годишен одмор;

4) плаќањето на работата и

5) престанувањето на важноста на договорот за вработување.

Остварување на правата и обврските од работен однос на работоводниот орган (менаџер)

Член 55

Работоводниот орган (менаџер), правата и обврските од работен однос, за времето додека е именуван, односно избран на таа должност, ги остварува кај рабоходавачот кај кого е именуван, односно избран според одредбите на овој закон и друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

 

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com