Што е прокура согласно Законот за трговски друштва

ПРОКУРА

Поим на прокура

Член 68

(1) Прокурата е трговско полномошно чијашто содржина и обем се определени со овој закон.

(2) Прокура може да даде само лице кое според овој закон, се смета дека е трговец.

(3) Прокурата се дава на начин определен со изјавата за основање на трговското друштво од едно лице, со договорот за друштвото, односно со статутот.

(4) Прокурата се дава во писмена форма.

Прокурист

Член 69

(1) Прокурата може да се даде на секое деловно способно физичко лице, без разлика на должноста и работите што ги врши, освен ако со изјавата за основање на друштвото од едно лице, со договорот за друштвото, односно со статутот поинаку не е определено.

(2) Прокурата не може да се даде на правно лице.

(3) Односите меѓу трговското друштво и прокуристот, како и наградувањето се уредуваат со договор.

Поединечна и групна прокура

Член 70

(1) Прокурата може да се даде на едно физичко лице (поединечна прокура), или на две или на повеќе физички лица заедно (групна прокура).

(2) Ако прокурата е дадена на две или на повеќе физички лица, секое од тие лица е прокурист кој самостојно го застапува трговското друштво во рамките на овластувањата определени со овој закон.

(3) Прокурата дадена на две или повеќе лица ќе се смета за групна прокура само ако тоа е изречно назначено во прокурата.

(4) Во случај на групна прокура, изјавите на волја, правните работи и дејствија се полноважни ако се сторени од сите прокуристи заедно, односно ако се согласиле сите прокуристи. Правните работи и дејствија коишто ќе ги стори еден од прокуристите се смета дека се полноважни ако другите прокуристи за нив дале изречна согласност или, ако другите прокуристи дополнително дадат согласност.

(5) Изјава на волја или правна работа и дејствие-направено до еден од прокуристите се смета дека е направено до сите прокуристи.

(6) Во случај на групна прокура, знаењето на правно битните факти или вината на еден од прокуристите предизвикува правно дејство за давателот на прокурата, без оглед на тоа дали тоа го знаеле или дали се виновни другите прокуристи.

Обем на овластувања од прокурата

Член 71

(1) Прокуристот може да ги склучува сите договори и да ги врши и сите други правни работи и дејствија во име и за сметка на трговското друштво во рамките на предметот на работењето на друштвото, да го управува претпријатието на давателот на прокурата и да го застапува друштвото во постапките пред управните и другите државни органи, организациите и установите со јавни овластувања и судовите.

(2) Прокуристот не може да ги отуѓува и оптоварува недвижностите на трговското друштво и не може да дава изјави, ниту да склучува правни работи, односно да презема правни дејствија со коишто ќе биде започната стечајна или друга постапка која може да доведе до престанување на друштвото. Прокуристот не може да дава полномошно за склучување договори и други правни работи на друго лице.

Ограничување на прокурата

Член 72

(1) Ограничување на прокурата, коешто не е предвидено со овој закон, нема правно дејство спрема трети лица, без оглед на тоа дали третото лице знаело или, со оглед на околностите, морало да знае за ограничувањето на прокурата.

(2) Ограничувањето на прокурата на работењето на една или повеќе подружници има правно дејство спрема трети лица, само ако е запишано во трговскиот регистар.

 Склучување на договор со самиот себе

Член 73

Договорот кој прокуристот, од името на трговското друштво, ќе го склучи со самиот себе како друга договорна страна, било тоа да го направи од свое име и за своја сметка, од свое име, а за туѓа сметка или од името и за сметка на друго лице, е ништовен доколку прокуристот за тоа не бил изречно овластен.

Потпис на прокуристот

Член 74

(1) Прокуристот го потпишува трговското друштво така што под фирмата го потпишува своето име и презиме со додаток што видливо укажува на неговата положба на прокурист или со додатокот ,,п.п." ".

(2) Кај групната прокура секој прокурист се потпишува на начин определен во ставот (1) од овој член.

Пренос на прокура

Член 75

(1) Прокурата не може да се пренесе на друго физичко лице.

(2) Нема правно дејство одредбата за прокура или изјавата на трговското друштво со којашто прокуристот се овластува да пренесе прокура, ниту изјавата на друштвото со којашто преносот на прокурата се одобрува претходно или дополнително.

Отповик на прокурата

Член 76

(1) Прокурата може да се отповика во секое време, без оглед на правната основа врз којашто е дадена.

(2) Ништовна е одредбата од договорот со којашто трговското друштво се откажува од правото да ја отповика прокурата, како и одредбата со којашто правото на отповик на прокурата се врзува со рок или со услов.

(3) Со одредбите од ставовите(1) и (2) на овој член не се исклучуваат, ниту се намалуваат правата на прокуристот предвидени со договорот врз основа на кој му е дадена прокурата.

Прокура на трговец-поединец

Член 77

(1) Трговец-поединец ја дава лично прокурата и овластувањето за давање прокура не може да се пренесе на друго физичко лице.

(2) Прокурата што ја дал трговец-поединец не престанува во случај на смрт на давателот на прокурата, ниту ако на давателот на прокурата му е одземена или ограничена деловната способност.

(3) На трговец-поединец соодветно се применуваат одредбите од овој дел на овој закон со коишто се уредува прокурата што ја даваат трговските друштва.

Упис на прокурата

Член 78

  1. Трговското друштво, односно трговецот-поединец ги запишуваат давањето поединечна и групна прокура, сите ограничувања на прокурата и отповикот во трговскиот регистар.
  2. Во трговскиот регистар се запишува името и презимето на прокуристот и неговиот ЕМБГ.
  3. Кон пријавата за упис се приложува и одлуката за давање на прокурата, односно одлуката со којашто се ограничува, односно отповикува таа и доказ за заверен потпис (којшто го содржи полното име и презиме на прокуристот) кај нотар.
  4. Пријавата и прилозите од ставот (3) на овој член не се заверуваат кај нотар доколку се поднесуваат преку Системот за е-регистрација лично потпишани со електронски потпис или преку регистрационен агент.

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com