Уредување на меѓи согласно законот за Вонпарнична постапка

УРЕДУВАЊЕ НА МЕЃИ

 

Член 228

Во постапката за уредување на меѓи судот врши обновување или исправање на меѓи.

Член 229

За уредување на меѓи надлежен е судот на чие подрачје се наоѓаат недвижностите чија меѓа се уредува.

Ако недвижностите чија меѓа се уредува се наоѓаат на подрачјето на повеќе судови, надлежен е секој од тие судови.

Член 230

Постапка за уредување на меѓи се поведува по предлог, а кога тоа е определено со закон и по службена должност.

Предлог за уредување на меѓи може да поднесе секој од носителите на право на гранична недвижност.

Член 231

Во предлогот за уредување на меѓи се наведуваат катастарските ознаки на граничните недвижности и се назначува во која мера и поради што меѓата е оштетена, па е потребно нејзино обновување или исправање.

Член 232

Судот, по потреба, закажува рочиште на самото место. На рочиштето се повикуваат сите учесници, а судот може да одлучи да повика и вешти лица.

Член 233

Во поканата за рочиштето учесниците се повикуваат да ги донесат со себе сите исправи, скици и други докази, а по можност да доведат и сведоци.

Во поканата учесниците се опоменуваат дека постапката ќе се спроведе и без присуство на уредно поканетиот учесник.

Член 234

Ако на рочиштето не дојде предлагачот, постапката ќе продолжи, доколку тоа го предложи некој од другите учесници.

Ако некој од учесниците не предложи постапката да се спроведе, а предлагачот изостанал, иако повикан е уредно, ќе се смета дека предлогот го повлекол.

Член 235

Ако во текот на постапката се појави спор за правото на гранична површина, спорот ќе го реши судот што ја води постапката, ако вредноста на спорната површина не го надминува износот од 150.000 денари.

Спорот од ставот 1 на овој член судот ќе го реши според посилното право на спорната површина, а ако тоа не е можно, според последниот непречен посед, а ако и тоа не е можно, спорната гранична површина ќе ја подели на правична оцена.

Во случаите од ставот 1 на овој член уредувањето на меѓата е конечно.

Член 236[1]

Ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со членот 222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.

Ако учесниците не се согласат, судот што ја води постапката може да го реши спорот за посилното право на спорната гранична површина, но во тој случај учесникот кој не е задоволен со решението на судот може, по правосилноста на решението, да поведе парнична постапка за остварување на своето право.

Парничната постапка од ставот 2 на овој член учесникот е должен да ја поведе најдоцна во рок од три месеца од правосилноста на решението.

Член 237

Уредувањето на меѓи се означува со меѓници (гранични знаци) на самото место.

Член 238

Трошоците на постапката за уредување на меѓи паѓаат на товар на учесниците сразмерно на мерите на нивните гранични линии.

Ако во постапката се покаже дека обновувањето или исправувањето на меѓите не е потребно, бидејќи тие можат лесно да се распознаат, или дека другите учесници биле готови и без учество на судот да извршат обележување на меѓите, трошоците на постапката паѓаат на товар на предлагачот.

Член 239

Ако постапката за уредвуање на меѓи е предизвикана со смеќавање на владение од страна на еден учесник, судот ќе го задолжи тој учесник да ги сноси трошоците на постапката во целост или делумно.

Член 240

Ако учесниците во постапката се спогодат за уредување на меѓите, а не се спогодат за трошоците, за нив одлучува судот.

 


[1] Со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.148/17 од 18.04.2018 година објавена во „Службен весник на РМ“ број 77 од 30.04.2018 година, се укинува член 236 став 1 во делот: „ставови 2 и 3“.

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com