Времена мерка согласно Законот за обезбедување на побарувањата

Обезбедување со претходна мерка
 

Надлежен суд по предлогот за обезбедување со претходна мерка

Член 20

За одлучување по предлогот за обезбедување со претходна мерка и за спроведување на таа мерка, месно е надлежен судот кој ја води, односно ја водел постапката по предметот за кој се бара обезбедување.

Услови за определување на претходна мерка

Член 21

  1. Претходна мерка се дозволува врз основа на одлука која гласи на парично побарување, а не станала правосилна или не станала извршна, ако доверителот ја стори веројатна опасноста или постои претпоставена опасност дека без такво обезбедување би се осуетило или значително би се отежнало остварувањето на побарувањето.
  2. Одредбата на ставот (1) од овој член се применува и во поглед на порамнувањето склучено пред суд или орган на управата, според кое побарувањето не пристигнало.
  3. Претходна мерка може да се дозволи врз основа на платен налог што е издаден врз основа на меница или чек.

Претпоставена опасност

Член 22

  1. Претпоставена опасност, во смисла на членот 21 од овој закон, постои ако предлогот за обезбедување е заснован врз една од следниве одлуки:
  1. врз платен налог издаден врз основа на меница или чек против кој навремено е поднесен приговор;
  2. врз пресуда донесена во кривичен предмет, со која е усвоено имотно - правно барање, а против која е дозволено повторување на кривичната постапка;
  3. врз одлука според која извршувањето треба да се спроведе во странство;
  4. врз пресуда донесена врз основа на признание против која е изјавена жалба;
  5. врз порамнување склучено пред суд или орган на управата, што се побива на начин предвиден со закон и
  6. договор склучен кај нотар како извршна исправа што се побива на начин предвиден со закон.
  1. Во случаите од ставот (1) точки 4, 5 и 6 на овој член судот, по предлог на должникот, може обезбедувањето со претходна мерка да го услови со полагање гаранција од страна на доверителот за штета што должникот би можел да претрпи со определување на претходна мерка.

Обезбедување на побарување за рати кои не пристигнале

Член 23

  1. Обезбедување на побарување со претходна мерка за рати кои не пристигнале за побарување по основ на законска издршка, побарување по основ на надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката и побарување по основ на надоместок на штета поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност, се дозволува само за рати што ќе пристигнат во една година.
  2. Во случаите од ставот (1) на овој член се претпоставува дека постои опасност за остварување на побарување на доверителот ако против должникот претходно се водело извршување заради наплата на пристигната рата или ако такво извршување е предложено.

Видови на претходни мерки

Член 24

  1. Како претходни мерки судот определува:
  1. попис на подвижни предмети;
  2. забрана на должниковиот должник да му исплати на должникот побарување или да му предаде предмети, како и забрана на должникот да наплати побарување, да ги прими предметите и со нив да располага;
  3. забрана на носител на платен промет на должникот или на трето лице, по налог од должникот, да исплати од неговата сметка паричен износ за кој е дозволена претходна мерка и
  4. прибелешка на заложно право врз недвижност на должникот или врз право запишано врз недвижност.
  1. Со оглед на околностите на случајот судот може, по предлог на доверителот, да дозволи две или повеќе претходни мерки, ако тоа е потребно.

Забрана на исплата на парични средства на должникот

Член 25

Износот на паричните средства на должникот на сметка кај носител на платен промет, за кој е дозволена забрана на исплата, додека трае забраната, не може да се пренесе од таа сметка, освен заради намирување на обезбедено побарување.

Продажба на попишани предмети и пренос на должниково побарување

Член 26

  1. Судот ќе дозволи продажба на попишани подвижни предмети што се подложни на брзо расипување или ако постои опасност од значителен пад на цената на тие предмети.
  2. Продажбата на попишаните подвижни предмети ќе се изврши според одредбите на Законот за извршување.
  3. Ако претходната мерка е дозволена со забрана на исплата на побарувањето судот може, по предлог на доверителот или должникот, да дозволи на доверителот да му се пренесе побарувањето на кое е ставена забраната заради наплата, во случај кога постои опасност дека тоа побарување поради задоцнување во неговото остварување не ќе може да се наплати или дека ќе се загуби правото на регрес спрема трето лице.
  4. Износот што се добива со продажба на предметите или со наплата на побарување се депонира во судот додека не се запре претходната мерка или додека доверителот не предложи извршување, а најмногу 30 дена од денот на извршноста на побарувањето.

Решение за претходна мерка

Член 27

  1. Во решението со кое се дозволува претходна мерка задолжително се назначува износот на побарувањето што се обезбедува, со каматата и трошоците, мерката за обезбедување и времето за кое таа се определува.
  2. Времето за кое е определена претходна мерка може да трае најдолго до истекот на 15 дена од денот на настанувањето на условите за присилно извршување.
  3. Ако времето од ставот (1) на овој член истече пред да стане правосилна одлуката врз основа на која е дозволена претходна мерка судот, на предлог од доверителот, ќе го продолжи тоа време под услов да не се промениле околностите под кои е определена мерката.

Укинување на претходна мерка

Член 28

  1. Судот, по предлог од должникот, ќе ја запре постапката за обезбедување и ќе ги укине спроведените дејствија, ако:
  1. должникот го положи во судот износот на побарувањето што се обезбедува, со каматата и трошоците;
  2. должникот стори веројатно дека побарувањето во времето на донесувањето на решението со кое се определува претходна мерка веќе било наплатено или доволно обезбедено;
  3. со правосилна одлука е утврдено дека побарувањето не настанало или дека престанало и
  4. должникот докаже постоење на некое негово утврдено побарување спрема доверителот или дека должникот има основ за противизвршување.
  1. Судот ќе ја запре постапката за обезбедување и ќе ги укине спроведените дејсгвија ако во рок од 15 дена од денот на истекот на времето за кое е дозволена претходна мерка не се исполнети условите за присилно извршување.
  2. Во случаите од ставовите (1) точки 2 и 3 и (2) на овој член доверителот е должен да му ги надомести на должникот трошоците предизвикани со определувањето и спроведувањето на претходната мерка.
  3. Во случаите од ставот (3) на овој член должникот спрема доверителот има и право на надоместок на причинетата штета. Барањето за надоместок на штета може да се поднесе најдоцна во рок од три месеца од денот на правосилноста на решението за запирање на постапката за обезбедување.

Запирање во случај доверителот да не бара извршување

Член 29

Во случај условите за присилно извршување да бидат исполнети пред истекот на времето за кое е дозволена претходна мерка судот, по предлог на должникот, ќе ја запре постапката за обезбедување и ќе ги укине спроведените дејствија ако доверителот не поднесе барање за извршување во рок од 15 дена од настанувањето на тие услови.

 

Привремени мерки
 

Месна надлежност

Член 30

  1. Во случај кога не е поведена парнична или друга судска постапка, за одлучување по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на привремена мерка, месно надлежен е судот што би одлучувал во парничната или друга судска постапка.
  2. Ако е поведена постапка по предлог за обезбедување со привремена мерка и за спроведување на таа привремена мерка, месно надлежен е судот пред кој е поведена постапка.

Кога може да се дозволи привремена мерка

Член 31

Привремена мерка може да се дозволи пред поведувањето и во текот на судска или управна постапка.

Недопуштеност на привремена мерка

Член 32

Привремена мерка не е допуштена ако постојат услови за определување на претходна мерка со која може да се постигне истата цел.

а) Привремени мерки за обезбедување на парично побарување

Услови за дозволување на привремена мерка

Член 33

  1.  Привремена мерка за обезбедување на парично побарување може да се дозволи ако доверителот го стори веројатно постоењето на побарувањето и опасноста дека без таква мерка должникот ќе ја осуети или значително отежне наплатата на побарувањето, со тоа што својот имот, односно своите средства ќе ги отуѓи, прикрие или на друг начин ќе располага со нив.
  2. Доверителот не мора да ја докажува опасноста ако стори, веројатно дека со предложената мерка должникот би претрпел само незначителна штета.
  3. Се смета дека опасност постои ако побарувањето би требало да се оствари во странство.

Видови на привремени мерки за обезбедување на парични побарувања

Член 34

  1. За обезбедување на парично побарување може да се дозволи секоја мерка со која се постигнува целта на таквото обезбедување, а особено:
  1. забрана на должникот да располага со подвижни предмети, како и чување на тие предмети;
  2. забрана на должникот да ги отуѓи или оптовари своите недвижности или стварни права кои врз недвижноста се запишани во негова корист, со прибелешка на таа забрана во јавна книга или да ги даде под закуп;
  3.  забрана на должникот да продава хартии од вредност и удели;
  4. забрана на должниковиот должник да му исплати на должникот побарување или да му предаде предмети, како и забрана на должникот да прими предмети, да наплати побарување и да располага со нив и
  5. налог на носителот на платен промет на должникот или на трето лице, по налог на должникот, да не дозволи од должниковите сметки исплата на паричниот износ за кој е дозволена привремена мерка.
  1. Со привремена мерка не се стекнува заложно право.

б) Привремени мерки за обезбедување на непарично побарување

Услови за дозволување на привремена мерка

Член 35

  1.  За обезбедување на непарично побарување може да се дозволи привремена мерка ако доверителот го сторил веројатно постоењето на побарувањето и опасноста дека инаку остварувањето на побарувањето ќе се осуети или значително отежне.
  2. Привремена мерка може да се дозволи и кога доверителот стори веројатно дека мерката е потребна за да се спречи употреба на сила или настанување на ненадоместлива штета.
  3. Одредбите од членот 33 ставови (2) и (3) на овој закон се применуваат и на привремената мерка за обезбедување на непарично побарување.

Видови на привремени мерки за обезбедување на непарично побарување

Член 36

За обезбедување на непарично побарување може да се дозволи секоја мерка со која се постигнува целта на таквото обезбедување, а особено:

  1. забрана на отуѓување и оптоварување на подвижни предмети кон кои е насочено побарувањето, како и чување на тие предмети;
  2. забрана на отуѓување и оптоварување на недвижност кон која е насочено побарувањето, со прибелешка на забраната во јавна книга;
  3. забрана на должникот да презема дејствија што можат да му нанесат штета на доверителот, како и забрана да се извршат промени на предметите кон кои е насочено побарувањето;
  4. забрана на должниковиот должник на должникот да му ги предаде предметите кон кои е насочено побарувањето и
  5. плаќање на надоместок на плата на работникот за време на спор заради незаконитост на одлуката за престанување на работниот однос, ако е тоа неопходно за негова издршка и издршката на лицата кои според законот е должен да ги издржува.

Гаранција наместо привремена мерка

Член 37

  1. Доверителот може во предлогот за дозволување на привремена мерка или дополнително, да изјави дека наместо привремена мерка, се задоволува со полагање на определен износ на име гаранција од страна на должникот.
  2. Полагање на гаранција наместо привремена мерка, може да се дозволи и по предлог на должникот.
  3. Ако должникот положи гаранција судот ќе ја запре постапката за определување на привремена мерка и ќе ги укине веќе спроведените дејствија.

Гаранција како услов за определување на привремена мерка

Член 38

  1. Судот може, по предлог на доверителот, да определи привремена мерка и кога тој нема да го стори веројатно постоењето на побарувањето и опасноста, ако претходно, во рокот што му е оставен, го положи износот што судот ќе го определи како гаранција за штетата што на должникот би можела да му биде нанесена со определувањето и спроведувањето на привремената мерка.
  2. Судот може, по предлог на должникот, според околностите на случајот, да постапи според одредбата од ставот (1) на овој член и кога доверителот го сторил веројатно постоењето на побарувањето и опасноста.

Дозволување на повеќе привремени мерки

Член 39

Судот може, со оглед на околностите на случајот, по предлог на доверителот, да дозволи и повеќе привремени мерки, ако тоа е потребно.

Време за кое се дозволува привремена мерка

Член 40

  1. Во решението со кое се определува привремена мерка ќе се определи времето на траење на таа мерка, а ако мерката е определена пред поднесување тужба или поведување на друга постапка и рокот во кој доверителот мора да поднесе тужба, односно предлог за поведување на друга постапка, заради оправдување на мерката.
  2. Судот, по предлог на доверителот, ќе го продолжи времето на траење на привремената мерка, под услов да не се промениле околностите под кои е определена таа мерка.
  3. Предлогот од ставот (2) на овој член може да се поднесе само пред да помине времето за кое е дозволена привремена мерка.
  4. Ако должникот не постапи по привремената мерка, таа присилно се извршува.

Укинување на привремена мерка

Член 41

  1. Ако доверителот во определениот рок не поднел тужба, односно не повел друга постапка заради оправдување на привремената мерка, или времето за кое е определена привремената мерка поминало, судот по предлог на должникот ќе донесе решение со кое ќе ја запре постапката и ќе ги укине спроведените дејствија.
  2. По предлог на должникот судот ќе ја запре постапката и ќе ги укине спроведените дејствија, ако околностите поради кои е определена мерката подоцна се промениле, така што мерката повеќе не е потребна.
  3. Судот ќе ја запре постапката и ќе ги укине спроведените дејствија и во случаите наведени во членот 28 став (1) од овој закон.

Надоместок на штета на должникот

Член 42

  1. Должникот спрема доверителот има право на надоместок на штета што му е нанесена со привремената мерка за која е утврдено дека била неоснована или која доверителот не ја оправдал.
  2. Во тој случај согласно се применуваат одредбите од членот 28 став (4) на овој закон.

 

Кои сме ние
Адвокатско друштво Камчева и Димиќ

Основачи на Адвокатското друштво Камчева и Димиќ се Адвокат Емилија Камчева Стојановска и Адвокат Елита Димиќ.

Адвокатското друштво Камчева и Димиќ е формирано со цел обезбедување на правна помош и застапување на физичките и правните лица од областа на граѓанското право. Клиентите и соработниците на ова Адвокатско друштво добиваат широк спектар на услуги, правна помош поткрепена со практика и високо ниво на квалитетни услуги од областа на правото.

Основна цел ни е да ги надминеме очекувањата на нашите клиенти нудејќи постојана и високо квалитетна правна услуга.

 

Адреса

Ул. Никола Тесла бр.9А/8
1000 Скопје, Македонија

онлајн прашања и совети:

вибер 070/444-970

Податоци за контакт

070/444-970,  070/233-215
ad.kamcevaidimikj@gmail.com